Колумни

Статијата „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ на Анри Барбис од 1.9.1926 – дел од неговиот француски „Манифест на македонизмот“ (1)

„Навистина овде станува збор за една нација. Нација која има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност. … Оваа нација, на самата почва на која се развила и опстојувала, каде што историјата ја засадила, со која е поврзана преку своите корени и својата култура, се третира како збир на робови и злосторници.“ – напиша славниот француски писател Анри Барбис во својата прочуена статија со наслов „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ („La question macédonienne est-elle si complexe que cela?“), која е објавена во списанието „Балканска федерација“ на денешен ден, на 1 септември 1926 година. Барбис, еден од најблескавите француски и европски интелектуалци  меѓу двете светски војни, уште пред 100 години во својата статија пишува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација.

Пишува: Свето Тоевски

Во споменатата статија Барбис нагласил дека македонското население историски било вкоренето во Македонија, но му биле одземени основните национални права. Денес Бугарите и Грците со фалсификати тврдат дека Македонците се „народ без историски корени“, а Барбис пред еден век јасно го кажал сосема обратното. Анри Барбис, големиот пријател на македонскиот народ, е роден на 17 мај 1873 година во Париз, а починал на 30 август 1935 година во Москва. Оваа колумна е потсетување, но и чествување на неговата личност и промакедонско дело, кое одекнало силно во неговото време во срцето на интелектуална и политичка Европа и во Балканот.

Францускиот писател уште пред 100 години говори за идентификациската одредница „македонски“, поврзано со Македонците како народ

„Оган“ во превод на македонски јазик, антивоен и автобиографски роман, настанат врз основа на дневникот што го водел војникот Анри Барбис додека бил на фронтот во 1915 година

Славниот француски писател Барбис бил добитник на највисоката француска книжевна награда „Гонкур“ (Prix Goncourt) во 1916 година. Оваа престижна награда ја добива за неговиот култен антивоен роман „Оган“ (француски: Le Feu). Во своето време тој ширум Европа уживал слава и имал статус на врвен француски и европски интелектуалец- бранител на правата на сите угнетени народи. Неговиот ангажман бил можеби најголем за правата на Македонците. Барбис говори уште пред еден век за македонски народ, ја користи идентификациската одредница „македонски“, говори и се бори за Македонија. А денес идентификациската одредница „македонски“ си ја присвојуваат Грците како да е „нивна“, благодарејќи на „Преспанскиот договор. Денес, пак, Бугарите се обидуваат целосно да го задушат Македонското прашање, претставувајќи ги Македонците и македонскиот јазик како Бугари и бугарски јазик.

Во својата статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ Барбис ја опишува Македонија како жртва на империјализмот, нагласувајќи во неа: „Соседните држави со својот империјализам една по друга ја сметаа Македонија како свој плен.“ Натаму тој развива слика за Македонија, која, според него, веќе не е само провинција, туку простор претворен во колонија, изложен на освојувања, протерувања и поделби. „Одамна Македонија престана да биде колонија, таа веќе стана колонија, во која беснеат инвазии и изгнанства, тоа е грабеж.“ – нагласува францускиот писател.

Навраќајќи се на последиците од трагичното распарчување на територијата на етнојазична Македонија и на живото ткиво на македонскиот народ, потоа во „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ Барбис истакнува дека Македонија е плен и оти нејзиниот „голем, осакатен организам“ ги чувствува последиците и од меѓусебните империјалистички спорови на другите. На крајот од овој пасус тој експлицитно зборува за „тројната распарченост на Македонија“.

Опишувајќи ја тогашната судбина на македонскиот народ, Барбис продолжува дека тој е без помош од светот и е жртва на сили, што владеат со него и што го задушуваат, спротивно на принципите на правото и правичноста и на слободата на народите самите да располагаат со својата судбина. „Тој народ е скршен, распрснат, заробеник на закони што му се туѓи, без помош пред лицето на светот, жртва е на силите што владеат со него и што го задушуваат, на силите, кои ги презираат принципите на правото и правичноста, кои ги презираат слободата на народите самите да располагаат со себе, кои ги презираат сите суштински интереси и длабоките барања на едно живо општество.“ – напомнува Барбис.

Жестоките реакции на францускиот писател против теророт врз недолжното македонско  население во Пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија, кој го вршеле ванчомихајловистите

Во својата статија за Македонското прашање од 1 септември 1926 година францускиот писател пишува со исклучителна симпатија за македонскиот народ. „Со наклонетост, со почит, ги насочувам своите мисли кон ова мноштво жртви. Жешката симпатија, што ја чувствувам за целото македонско население, е вистинскиот и единствен мотив за сè што го кажав и што се обидов да направам во врска со нив.“ – посочува Барбис. На крајот од статијата францускиот писател ги отфрла како несоодветни решенијата, што би значеле или создавање независна македонска држава, или присоединување цела Македонија кон една од балканските држави. Наместо тоа, тој повторно ја застапува идејата за слободна федерација на сите балкански народи, односно за Македонија во состав на една „братска балканска федерација“.

Не само како француски писател и интелектуалец, туку и како општественик, Барбис се залагал силно за заштита на македонското население од тероризирање. Бил претседател на Комитетот за одбрана на жртвите од белиот терор на Балканот, со седиште во Париз. Учествувал во анкетата за теророт од ванчомихајловистите врз недолжното македонско население  и заедно со други интелектуалци испратил протестна телеграма до бугарската влада  во 1925. Во својата книга „Џелатите. Во Балканот: бел терор (еден ужасен политички процес“), објавен во 1926 година во Париз, го осудил теророт на бугарската влада на Александар Цанков во Пиринскиот дел на Македонија.

Силната критика на Барбис и кон политиките на негирањето на македонскиот идентитет особено во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција

Барбис бил поврзан и имал контакти со левичарски кругови околу списанието „Балканска федерација“, каде што често се застапувало правото на самоопределување на народите на Балканот. Во тие кругови македонското прашање се претставувало како нерешено национално прашање. Ставовите на Анри Барбис се реакција на асимилаторските политики: неговите текстови содржат силна критика кон политиките на негирањето на македонскиот идентитет, особено и во Егејскиот дел на Македонија. Тој сметал дека е неправедно народ со свој македонски јазик, локална култура и историски континуитет да нема право на сопствено име и национално признавање.

Историското значење на неговите ставови е исклучително, бидејќи се изнесени од познат западноевропски интелектуалец, но и со оглед на тоа што се изнесени многу пред официјалната кодификација на македонскиот литературен јазик во 1945 година. Ставовите на Барбис претставуваат пример и потврда на фактот дека во западноевропската интелектуална јавност постоеле автори што ги признавале Македонците како посебен народ. Посебно е за издвојување и неговиот „Манифест кон интелектуалците“, познат есеј и политички повик од  1927 година, со кој ги повикува писателите, уметниците и мислителите активно да се вклучат во општествените промени и да се борат за праведност.

Гробот на Анри Барбис на гробиштата Пер Лашез во Париз, Франција

Интелектуалната борба среде Франција и Европа на Барбис за вистината за Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и историја

Во оваа смисла, имајќи ја предвид борбата за праведно решавање на македонското прашање и за признавање на етничката оригиналност и самобитност на македонскиот народ, јазик и идентитет, „Манифестот кон интелектуалците на “ на Анри Барбис е и денес повик за праведност и кон македонскиот народ. Но, овој манифест на францускиот писател заедно со неговата статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“, како и неговото севкупно дело претставуваат веќе цел еден век, поправо, и своевиден француски „Манифест на македонизмот“, во прилог на вистината за Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.

 Тој француски „Манифест на македонизмот“ на Анри Барбис силно зрачи веќе сто години во Франција и пошироко среде интелектуална, но и политичка Европа како жестока негација на апсурдните бугарски, грчки и сечии други обиди за негирања на  македонскиот идентитет и јазик, на етничката и идентитетската засебност на Македонците во Балканот, Европа и светот.

(продолжува)

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошко-историска анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија, ниту се став на редакцијата на „Експрес“)

Најнови вести од: Колумни

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Претсмртниот завет на Антон Попов до сите македонски поколенија да го чуваат македонското име и никогаш да не отстапуваат од борбата за иднината на Македонија

На денешен ден, на 20 октомври 1915 година е роден непокорниот син на Македонија и македонскиот народ писателот Антон Попов. Неизмерна е важноста на неговите дела за градењето на македонската самосвест на македонскиот народ. Како бранител негов и на македонската кауза, во своите публицистички трудови, како што е знаменитата статија „Дали постои македонска нација“ Попов дава јасен, научно и историски образложен одговор за постоењето на македонскиот народ, со кој ги побива туѓите негаторски пропаганди. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија, стрелан во Софија на 23 јули 1942 година од царборисовскиот фашистички режим на Бугарија.

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

To top