Колумни

(2) Петре М.Андреевски до македонскиот народ – „пирејот што не може да се уништи“: Да изградиме програма, во која Македонија ќе ни биде заедничка определба на сите нас!

Денес  не само Бугарите, туку и „цивилизираните“ Европејци од Брисел и други политички моќници од Европа  запнале по секоја цена, со ултиматуми, закани и диктати да го менуваат Уставот на Македонија, со сесрдна помош на редица нивни домашни послушници, кои се во функција на туѓи антимакедонски агенди. Делото и сите јавни истапувања на генијалниот книжевен растајнувач на македонската национална судбина Петре М.Андреевски се моќен одговор на сите тие ултиматуми, закани и диктати во името и на македонскиот народ. Денес, на 25 јуни се навршуваат 92  години од раѓањетo на овој волшебник на македонската прозна и поетска реч, едновремено и извишен национален мислител, роден во 1934 година во демирхисарското село Слоештица. Оваа годишнина е можност за навраќање кон неговото книжевно дело, кое претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и за одбрана на македонската национална самобитност.

Наместо нова идентитетско-историска капитулација со „Бугари во устав“ – поврзување со суверенистичка Европа за лобирања и борба за македонската кауза и ЕУ-патот (1)

Во јуни 2026 година ширум Европа, а особено во државите на ЕУ, се засилува трендот на политички иницијативи, програми и јавни барања за заштита на националниот идентитет, суверенитетот и политичката самостојност на државите од најразличните видови на закани кон овие клучни концепти во постоењето и дејствувањето на кој било народ и држава во Европа и светот. Таквите иницијативи, програми и барања доаѓаат не само од десничарски националистички партии, туку и од влади и државници на водечки европски држави и политички лидери од други земји од „евроклубот“, како од Германија, Франција, Италија, Холандија, Австрија, Полска, Словачка, потоа од влијателни државно-политички групации на европскиот континент, како што е „Вишеградската група“ на земји. Ја посочуваме и Швајцарија со пораките, кои извираат и од нивниот најнов референдум со демографско-идентитетски белези. Политичка Европа допрва ќе влегува во период кога државите и нивните институции, нивните водечки партии и политички елити ќе бараат сѐ повеќе нови механизми за заштита на националниот и државниот идентитет и суверенитет, културата, економијата и политичката самостојност. Лобирањата и борбата за македонската кауза и националната и јазична самобитност, како и за чекорењето по патот кон ЕУ само како Македонија и македонски народ, мора и може да се остварува сѐ повеќе во рамки на суверенистичка Европа.

Пркосот на масакрираната „Македонска сончева колона“ од Ваташа кон бугарските фашисти на 16.6.1943: Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!

На денешен ден, на 16 јуни 1943 година беше извршен Ваташкиот масакр, најголемото злосторство врз македонскиот народ за време на Втората светска војна во Македонија, покрај Дабничкиот колеж. Со намера да го спречи големиот подем на народно-ослободителното движење во Македонија, а сѐ во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста „Моклиште“ масакрира и стрела 12 Македонци од селото Ваташа на возраст од 15 до 27 години. Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година започнува со офанзива за уништување на партизаните. Но, откако доживува неуспех, се нафрла и на мирното население. Врвот на бугарските погроми над цивилното македонско население е ваташкиот масакр „во чест“ на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ. Дали и кога ќе дојде бугарски претседател, или премиер, во Ваташа да клекне пред масакрираните Македонци и да побара прошка во име на бугарската држава и народ, како што стори германскиот канцелар Вили Брант на 7.12.1970 пред споменикот на Евреите од Варшавското гето во Варшава, стрелани од германските фашисти? Тој дождлив ден германскиот канцелар Брант беше клекнат на колена само 30 секунди, но во таа половина минута испиша ново поглавје во германската историја. Дали може и бугарски политичар да испише денес ваква нова страница, вакво нови поглавје во нивната бугарска национална историја, засебна од македонската историја? Па дури тогаш да започне вистинска, нова ера на вистински македонско-бугарски добрососедски односи со заемно разбирање, признавање и пријателство?

За Бугарите македонскиот јазик постои „од 1944/1945“, а Зденка Рибарова ги истражуваше македонските ракописи од 12 и 13 век и писмени традиции стари повеќе од 11 века!

Чешката палеославистка и македонистка проф.д-р Зденка Рибарова е еден од најзначајните научници во истражувањата на историјата на македонскиот јазик, старословенистиката, црковнословенските текстови од македонска редакција и проучувањето на средновековното македонско ракописно наследство. Нејзиното научно дело претставува еден од темелите, врз кои денес се засноваат современите истражувања на македонската писмена традиција. На 13 јуни 2026 година се навршија 81 година од раѓањето на оваа чешка лингвистка, чие научно дело има немерливо значење за историјата на македонскиот јазик и широката меѓународна афирмација на неговата самобитност и постоење низ многуте векови. Рибарова проучувала и анализирала десеттици македонски ракописи од 12 и 13 век. Истражувањата и студиите за постоењето на македонскиот јазик и неговите ракописи од изминатите векови на оваа врвна чешка македонистка ги уриваат и ги обесмислуваат сите денешни негирања и фалсификати на политичка и лажнонаучна Софија дека, божем, македонскиот јазик „нема свои историски корени“ и оти е само „вештачка творба, измислена врз бугарски јазични темели“.

Штепан до Македонците: Бугарите говорат македонски јазик, а не бугарски, сакаат да ви го украдат и идентитетот, а зад „играта ‘влегување во ЕУ“ се крие Голема Бугарија! (3)

Сегашните агресивни обиди да се вметнат „државотворните Бугари“ во највисокиот правно-политички акт на македонската држава се нова сериозна индикација дека бугарскиот народ можеби сѐ уште нема свој целосно искристализиран национален идентитет, бидејќи ферментацијата, созревањето на слоевите на националниот идентитет трае многу векови. Согледувајќи ја оваа „идентитетска дупка“,  германскиот дипломат и историчар Ханс Лотар Штепан, потпирајќи се на многубројните свои истражувања на дипломатските архиви на германското министерство за надворешни работи  и на други историски факти, ќе нагласи дури во категорична форма дека бугарскиот јазик е поправо македонски јазик, а оти Бугарите се обидуваат да им го украдат на Македонците македонскиот идентитет. Штепан предупредува дека Бугарија ги крие овие свои стремежи, како што нагласува зад „играта наречена влегување во ЕУ“!

Не може никој Македонецот да го престори Бугарин од „бугарско тесто“, ниту Бугаринот „идентитетски да се стокми“ со крадење македонски белези! (2)

Македонците, македонската историја, идентитет и јазик немаат никаква врска со Бугарите, кои се, според најнеутралните и најобјективни научни сознанија, „мешани етнолингвистички луѓе“. Сегашните агресивни обиди да се вметнат „државотворните Бугари“ во највисокиот правно-политички акт на македонската држава се нова индикација дека бугарскиот народ можеби сѐ уште нема свој целосно искристализиран национален идентитет, бидејќи ферментацијата, созревањето на слоевите на националниот идентитет трае многу векови. Прилози кон ваквата претпоставка се многубројните научни трудови и студии на највисоки бугарски научници и академици, кои продолжуваат интензивни научни расправи за потеклото и корените на денешната бугарска нација. Светски угледната „Енциклопедија британика“ нагласува: „Бугарите се народ, кој е сѐ уште предмет на академски спор во однос на нивното потекло (турско или индоевропско), како и за нивното влијание врз етничката мешавина и јазикот на денешна Бугарија“. Угледниот австриски историчар д-р Улф Брунбауер изнесува научни аргументи дека во обидите да ги бугаризира македонскиот народ, јазик и историја Софија ја киднапира македонската евроинтеграција со таа агенда, која нема никаква врска со ЕУ!

Бугарите, етнојазичната копија на македонскиот оригинал, сакаат со Македонците да ги пополнат своите „идентитетски и демографски дупки“! (1)

Стануваат  не само апсолутно неприфатливи, туку и веќе зачудувачки сѐ поагресивните настојувања на Бугарија и бугарските политичари и „научници“ на секакви начини да успее операцијата „Бугари во македонскиот устав“. Дали  Бугарија цели да добие, всушност, „македонски идентитетски материјал“, за да ги пополни големите „дупки“ во бугарскиот идентитет, во колективната етнојазична сѐ уште неосознаеност на Бугарите кои се и што се по потекло?! Бугарскиот историчар-археолог д-р Николај Овчаров во своја колумна има напишано уште во 2025 година, како што нагласил самиот, за „сензационалните резултати од научната експедиција на тим на бугарски и монголски научници во потрагата по корените и потеклото на Бугарите, спроведена во 2025 година во Монголија“… Бугарите трагаат непрестајно по своите корени и потекло, а ги негираат автентичните корени и потекло на македонскиот народ. Поточно сакаат да ги прикажат како свои и да ги присвојат, за да прекинат конечно со таа своја идентитетско-историска потрага. Но, покрај обидите да се украдат и да се бугаризираат македонската етничка и идентитетска засебност, фолклор, јазик, историја и другите етноидентитетски обележја, дали ѝ се потребни Македонците на официјална Софија и како „нов човечки и демографски материјал“, за да ги пополнат огромните „демографски дупки“ во бројот на бугарското население, кое се намалува катадневно, од година в година?! Зашто, последицата на „Бугари во Устав“ е најдиректно претворање на сите Македонци во „штотуку разбудени и благонадежни Б’лгари“, со кои би се амортизирала колку толку и демографската катастрофа, што ѝ се случува на Бугарија. 

„Не“ за „евроинтегрирање“ ала „бугарски ластик“, ниту за „бугарски чевли“, што водат во „Санстефанска Бугарија“ во 1878!

Наместо ефтини провокации со „севернизирање“ на македонскиот национален идентитет, наместо тврдења дека „македонскиот јазик не постои“, или оти е „расипан западен дијалект на бугарскиот јазик, „научниците“ од Бугарија и нејзините највисоки државни и политички претставници треба да го прочитаат „Македонскиот речник од 16 век“ и да се осведочат во еден од најважните документи за постоењето и самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик. Тоа е студија на италијанскиот лингвист Ќиро Ѓанели и францускиот славист-македонист Андре Вајан за македонскиот ракопис со 300 изворни македонски народни зборови, забележани во Костурско, во Егејскиот дел на Македонија – четири века  пред да тврди политичка и лажнонаучна Софија дека „македонските зборови се бугарски зборови“, оти „македонскиот јазик е регионална норма“, или „регионален дијалект на бугарскиот јазик“! Од една страна, дел од овие „научници“ си дозволуваат да се впуштаат во неодржливи фалсификати и негирања на јазикот македонски, чии говори во Суха, Висока и Зарово, кај Солун, ја дадоа основата на севкупната словенска писменост и основата на европската цивилизација преку мисионерското дело на браќата-Македонци Кирил и Методиј, македонските и сесловенски просветители. Од друга страна, некои од тие исти „научници“ гордо ги огласуваат на сите ѕвона своите „научни наоди“ дека и „Дракула говорел на чист бугарски јазик“!

Предупредата на Гане Тодоровски да не ја раздадеме одново Македонија, туку да ја домакедончиме!

„Требат тони грижи на појќе поколенија / за да се истријат тие петна / на срам од себеси, од себепремолчување. … /И ако така уште постоиме,  / не ќе постоиме! … / Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде / да не би одново да Те раздадеме!“ – напиша Гане Тодоровски во својата монументална песна „Македонски монолог“ како негова пророчка предупреда до македонскиот народ уште во 1969 година. Уште тогаш тој кажа визионерски дека „не ќе постоиме, ако така уште постоиме, со себепремолчувања“ на сѐ што ни се случувало и што ќе ни се случува допрва. Тодоровски ни ги остава во завештание своето страхување и јанѕа дека треба и ние, денешните Македонци, силно да се страхуваме, јанѕа да нѐ јаде и нас, за да не ја раздадеме одново Македонија во име на „светлите европски перспективи“, кои ни ги нудат некои од надвор. Под услов да се откажеме овојпат трајно од своето колективно македонско „јас“, од својот идентитет, јазик, историја и култура.  Со секој свој стих, со секоја своја песна Гане Тодоровски се потврдува како еден од столбовите на македонската национална самосвест. На 22 мај 2026 година се навршија 16 години од неговото заминување од овој свет. Оваа годишнина е пригода за ново вдахновување со неговите поетски аманети до македонскиот народ, кому тој му го посвети својот живот и својата поезија, со која се извиши во блескавите врвови на македонската книжевност и култура. Овој великан на македонскиот национален идентитет, на македонската духовност, им остави на Македонците творештво и и вонвременски посланија, кои моќно извираат од него. Со ова Гане се впишува во колективната македонска меморија и како еден од поетско-духовните и национални светилници за македонската сегашност и иднина.

Францускиот „Манифест на македонизмот“ на Анри Барбис ја зрачи сто години вистината за самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик во Европа

 „Навистина станува збор за една нација. Нација која има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност.  Овој народ, на самата почва каде што се развил и опстојувал… се третира како збир на робови и злосторници.“ – има напишано големиот француски писател Анри Барбис во својата прочуена статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ („La question macédonienne est-elle si complexe que cela?“), која е објавена во списанието „Балканска федерација“ на 1 ноември 1926 година. Во неа Барбис нагласил дека македонското население историски било вкоренето во Македонија, но му биле одземени основните национални права. Бугарите и Грците денес со фалсификати тврдат дека Македонците се „народ без историски корени“, а Барбис пред еден век јасно го кажал сосема обратното. Уште пред сто години тој зборува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација. Анри Барбис, големиот пријател на македонскиот народ, е роден на 17 мај 1873 година во Париз, а починал на 30 август 1935 година во Москва. Оваа статија е потсетување, но и чествување на неговата личност и промакедонско дело, кое одекнало силно во неговото време во срцето на интелектуална и политичка Европа и во Балканот. Но, делото на Барбис зрачи од пред еден век како своевиден француски „Манифест на македонизмот“ силно и денес во прилог на вистината за Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.

Како некои Македонци говорат „маканглиски јазик“ и се откажуваат од духот на прадедовците и „единствената целосна татковина“!

Кога мало дете од 4 години – роден говорител на македонски јазик ќе каже „мало шипче“, наместо „мала овчичка“ (од англиски „sheep“ – овца), кога на родителите ќе им возврати со „уат?!“, наместо „што?!“, кога и зборовите за боите од англискиот јазик „грин“ („зелено“), „јелоу“ („жолто“) „ред“ („црвено“) ќе му излегуваат од устата попрво одошто соодветните македонски зборови  – примери што ги има чуено авторот на овие редови во говорната пракса во Македонија во последно време – тогаш на денешниов 5 мај, Денот на македонскиот јазик, најотворено и најискрено на себеси како македонски народ мора да си го поставиме прашањето: дали не само децата, туку и ние повозрасните започнуваме да говориме еден вид „маканглиски јазик“? А кога ќе го придодадеме кон претходните примери, кои ги има бездруго и многу повеќе, уште и фактот дека на детските родендени во Македонија многу повеќе се пее и се слуша „хепи брд ту ју, мај диар…“, одошто „среќен ти роденден, мое драго…), тогаш се отвора на овој празничен ден и второто длабоко вознемирувачко и алармантно прашање: кај ни оди нашиот мајчин македонски јазик, што се случува со него?!

To top