Колумни

Нобеловецот Анатол Франс уште во 1903 кажа дека „каузата на Македонците е кауза на европската цивилизација“, која сега Софија сака да ја претвори во бугарска кауза! (3)

„Каузата на Македонците е кауза на европската цивилизација! Оставајќи еден народ да биде колен, Европа извршува морално самоубиство!“ – кажал интелектуалниот џин на Франција и нејзината морална совест, книжевникот – нобеловец Анатол Франс на величествениот митинг среде Париз (во некои извори се споменува и Женева) на17 март 1903 година. Митингот бил одржан заради поддршка и за Македонија и за земање на македонскиот народ во заштита од страдањата во тогашната Турска империја.

Пишува: Свето Тоевски

Моќниот говор на Франс за македонската вистина од 1903 година претставува еден од најсилните историски гласови на европската интелектуална авангарда во одбрана на македонскиот и ерменскиот народ пред Илинденското востание. Овој Француз е  добитник на Нобеловата награда за литература во 1921 година за неговото брилјантно книжевно дело. Но тој е познат не само како книжевник, туку и како француски национален мислител, поради длабоката хуманистичка и филозофска мисла, залагањата за општествена правда и острите критики на тогашното француско општество и на политичка Европа, вградени во неговите најпознати романи и дела, како што се и „Злосторството на Силвестер Бонар“, „Островот на пингвините“, „Боговите се жедни“ и „Побуната на ангелите“.

Напојувајќи се со идеите на мислителите од XVIII век, вклучувајќи ги и водачите на Француската револуција,за време на така наречената „Дрaјфусова афера“ Анатол Франс навлегол и во политичките води и започнал остро да ги критикува француската буржоазија, институциите, свештенството и армијата на Француската република. Подоцна, под влијание на Жан Жорес тој станал член на Интернационалата, а од 1921 година и член на Комунистичката партија на Франција. Поради сево ова, книжевното творештво, но и сите јавни истапувања и пораки на Анатол Франс се толкуваат и како свовидна химна на француската национална мисла, на хуманизмот и правдата. 

Овој врвен француски интелектуалец со таквиот книжевен и политички багаж зад себе се решава на споменатиот митинг во Париз да ѝ го сврти вниманието на западната јавност кон страдањата на народите во Отоманската Империја, меѓу кои и на македонскиот народ.

„Интересирајќи се за судбината на Ерменците и Македонците, затоа што се луѓе, ние бараме, како гаранција за нивната благосостојба и за зацврстување на општиот мир, полно и целосно извршување на Берлинскиот конгрес, што се однесува за Ерменија и Македонија.“ – им порачал Франс на Европејците и големите европски сили, осудувајќи ја пасивноста на Европа и жестоко критикувајќи ги европските сили, кои останувале неми на насилствата и злосторствата во Македонија. Говорот на францускиот книжевник-нобеловец има огромно значење за македонската историја. Тој служи како доказ дека македонското прашање и идентитет биле јасно препознаени во Европа на почетокот на 20 век.

 Поддржувајќи ја Бугарија во нејзините намери и обиди за бугаризација на Македонија и Македонците, денешна политичка Европа, олицетворена во Европската унија, е во жесток судир со интелектуална и културна Европа од пред 120 години.  Кажано условно и со речникот на Франс, „европската цивилизација“ во Софија и Брисел денес прави свое своевидно „политичко и цивилизациско самоубиство“, поддржувајќи ги обидите на официјална Софија македонската кауза со европски белези да ја бугаризира, заедно со македонскиот народ, јазик и историја преку „европската преговарачка рамка“ и „францускиот предлог“. 

(продолжува)

Најнови вести од: Колумни

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Претсмртниот завет на Антон Попов до сите македонски поколенија да го чуваат македонското име и никогаш да не отстапуваат од борбата за иднината на Македонија

На денешен ден, на 20 октомври 1915 година е роден непокорниот син на Македонија и македонскиот народ писателот Антон Попов. Неизмерна е важноста на неговите дела за градењето на македонската самосвест на македонскиот народ. Како бранител негов и на македонската кауза, во своите публицистички трудови, како што е знаменитата статија „Дали постои македонска нација“ Попов дава јасен, научно и историски образложен одговор за постоењето на македонскиот народ, со кој ги побива туѓите негаторски пропаганди. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија, стрелан во Софија на 23 јули 1942 година од царборисовскиот фашистички режим на Бугарија.

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

To top