Колумни

Шатев: Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, што ги крои судбината и цврстината на наредните македонски поколенија!

Под мотото „Чествување за бесмртните“ Општина Велес денеска ја одбележа 123 годишнината од Солунските атентати и саможртвата на гемиџиите за Македонија. Со серијата бомбашки напади, изведени од 28 април до 1 мај 1903 година во Солун, младите интелектуалци, повеќемината велешани, сакаа да ѝ го свртат вниманието на Европа кон Македонија, поробена од Турците. Павел Шатев, единствениот преживеан од сите нив, во своите „Спомени“ ќе запише: „Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да ги збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи ги да живеат над нивните останки македонскиот дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија“.

Пишува: Свето Тоевски

Денес во Велес одбележани 123 години од изведувањето на Солунските атентати 

Солунските атентатори сакаа да ја потресат совеста на Европа за судбината на поробениот македонски народ

На 28 април околу пладне во близина на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција излегла двојно успешна, бидејќи бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул-Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај. На 1 мај, на последниот ден од Солунските атентати, се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од стражарот, а Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба. Бомбашките напади врз објекти на европскиот капитал во Турција, во Солун, како и врз државни објекти во градот, ги потресоа Солун, Турската Империја и цела Европа.

Младите Македонци – гемиџии сметаа дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и оти преку нивните поединечни акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење. Атентатите во Солун првенствено беа насочени против европските сили и нации, незаинтересирани за праведното решавање на македонското прашање, како и против европските институции, заради закана и казна, поради невмешувањето во решавањето на судбината на Македонија и македонскиот народ.

Јордан Поп Јорданов-Орцето: „Сакам и со својата смрт да бидам во полза на делото – ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија“

„Сакана Кате, немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото, кое што беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана ценета Македонија. Сигурно ќе прашаш: Неопходно ли е да умрам? За мене нема друг излез. … Да умрам за мене е врховна повелба на мојата совест. Зошто ми е живот лишен од слобода? Не, претпочитам да умрам! Со мојата смрт ќе им го фрлам мојот безграничен презир на непријателите, на поробувачите на мојата татковина. Орце, првиот и последен од гемиџиите, од самооткажаните“, овие зборови се дел од претсмртното љубовно писмо што Јордан Поп Јорданов-Орцето го напиша во 1903 година и кое ѝ го остави на својата девојка. Тој е македонскиот револуционер анархист, член на илегалниот кружок на гемиџиите-Солунски атентатори.

Нивните акции немаа никаква поврзаност со вистинскиот тероризам, сфатен во денешната смисла на овој збор. Димитар Мечев-Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, сите од Велес, Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, како и другите гемиџии, како своја цел имаа само објекти, но не и да жртвуваат невини човечки жртви. Тие го жртвуваа само сопствениот живот. Оваа група македонски патриоти удираа по совеста на цивилизирана Европа во името на еден народ потиснат во ропство. Сите тие беа млади луѓе што веќе се беа простиле од животот и го имаа пуштено својот животен чун, својата гемија, во бурното турско и европско море, всушност и не сакајќи да го извадат потоа на брегот, туку беа со намера да го разбијат саможртвено на карпите, за да ги разбудат европските нации да ѝ се смилостиват на судбината на македонскиот народ. Познато е како „милостиво“ европските сили, пред сѐ Бугарија и Грција, го „решија“ прашањето на македонската судбина во 1913 година со Букурешкиот договор…

Записи на Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“: Служители на идејата, но не и на славата

Во 1923 година единствениот преживеан Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“ запишува: „…великите македонски покојници во Солун беа се заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на Идејата, но не и на славата. Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни. … Од моментот кога Орце го запали фитиљот во Отоманската банка – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да станат првите светци на македонската револуција…“

Шатев ќе го дополни и следново во врска со солунскиот саможртвен крик на македонските посветеници, слободата и животот на Македонија и нивното политичко и национално тестаментално завештание за сите наредни македонски поколенија: „Македонскиот идеал во лицето на Солунските атентатори беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата… Тешко ќе биде за историчарите да определат кое од двете собитија – Солунските атентати, или Илинденското востание – било позначајно, што било повеличествено: дали примерот на личната бестрашност, или системската подготовка на масите за револуцијата. И ако Илинденското востание донесе едно самоосознание на македонските маси, Солунските атентати се оној поттик, кој што го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого ќе му се восхитуваат вековите… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија“.

Најнови вести од: Колумни

(2) Петре М.Андреевски до македонскиот народ – „пирејот што не може да се уништи“: Да изградиме програма, во која Македонија ќе ни биде заедничка определба на сите нас!

Денес  не само Бугарите, туку и „цивилизираните“ Европејци од Брисел и други политички моќници од Европа  запнале по секоја цена, со ултиматуми, закани и диктати да го менуваат Уставот на Македонија, со сесрдна помош на редица нивни домашни послушници, кои се во функција на туѓи антимакедонски агенди. Делото и сите јавни истапувања на генијалниот книжевен растајнувач на македонската национална судбина Петре М.Андреевски се моќен одговор на сите тие ултиматуми, закани и диктати во името и на македонскиот народ. Денес, на 25 јуни се навршуваат 92  години од раѓањетo на овој волшебник на македонската прозна и поетска реч, едновремено и извишен национален мислител, роден во 1934 година во демирхисарското село Слоештица. Оваа годишнина е можност за навраќање кон неговото книжевно дело, кое претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и за одбрана на македонската национална самобитност.

(1) Петре М.Андреевски: Ние, Македонците сами си ја пишуваме историјата со македонската вистина, а не други со лаги, кои нема да ни ја контролираат македонската свест!

„Браќа и сестри, бидете на штрек! Не срамете се од ништо, што е наше. Презирајте ги оние, кои ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, што ги позајмиле од нас. Презирајте ги сите оние, што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. Историјата е еден отворен процес кој постојано се допишува. Ние, Македонците, сакаме да ја пишуваме таа историја само со своето македонско писмо и само со својата македонска вистина!“ – има кажано уште во 2003 година генијалниот книжевен растајнувач на македонската национална судбина Петре М.Андреевски во својот „Македонски манифест“. Овие зборови се негово вонвременско послание, но и завештание до сите македонски поколенија да ја бранат својата автентична македонска национална историја од сите оние што ја искривуваат, што ја фалсификуваат и кои сакаат дури и да ја присвојат, како Бугарите со нивните самоизмами за наводната „заедничка историја“ на македонскиот и бугарскиот народ. Денешната 92-ра годишнина од неговото раѓањетo на Андреевски – на 25 јуни 1934 година во демирхисарското село Слоештица – е нова можност за навраќање кон неговото книжевно дело, кое претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и за одбрана на македонската национална самобитност.

„Зборникот на Миладиновци“ – „евангелие“ на македонизмот и јазичен чувар на идентитетот на македонскиот народ веќе 165 години

Еден од најзначајните чувари и своевидни пишани споменици на македонскиот национален, јазичен и културен е делото „Зборник на браќата Миладиновци“, кое е објавено на денешен ден, на 24 јуни 1861 година. Тој ден првите примероци од зборникот ја напуштиле печатницата на во Загреб и им биле испорачани на претплатниците. Во овој Зборник на 538 страници на голем формат се објавени вкупно 660 песни, од кои 584 македонски и 76 бугарски. Покрај 584-те македонски песник, зборникот има и 14 детски игри, неколку народни обичаи од разни места во Македонија, 8 верувања, 16 преданија, извесен број лични имиња, 50 пословици и 104 гатанки. Македонските песни се поделени во групи: самовилски, други стари, црковни, јуначки, жаловни, смешни, љубовни, свадбени, лазарски, жетварски, песни за Водици, за Ѓурѓовден… Сите тие песни потекнуваат од разни краишта на Македонија (Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Дебар, Кукуш, Костур и др.). Овој монументален зборник со своето богатство од песни и традиции е еден од основните и најважни темели на македонското народно творештво. Тој претставува капитално и епохално дело за македонскиот народ. М. Цепенков го чувал дома и го нарекувал „второ вангелие“. Кажано со речникот на Цепенков, „Зборникот на Миладиновци“ е и своевидно „евангелие на македонизмот и на македонскиот идентитет! Оттука и браќата Миладиновци се дел од основните столбови, врз кои се потпираат културното наследство и македонскиот јазик.

Нобеловецот Анатол Франс уште во 1903 кажа дека „каузата на Македонците е кауза на европската цивилизација“, која сега Софија сака да ја претвори во бугарска кауза! (3)

„Каузата на Македонците е кауза на европската цивилизација! Оставајќи еден народ да биде колен, Европа извршува морално самоубиство!“ – кажал интелектуалниот џин на Франција и нејзината морална совест, книжевникот – нобеловец Анатол Франс на величествениот митинг среде Париз (во некои извори се споменува и Женева) на17 март 1903 година. Митингот бил одржан заради поддршка и за Македонија и за земање на македонскиот народ во заштита од страдањата во тогашната Турска империја.

Членство на Република Македонија во „Вишеградската група“ на ЕУ-држави, заради одбрана на македонската вистина, идентитет, јазик и историја (2)

Европски експерти и аналитичари сугерираат дека на Македонија ѝ е потребно стапување во суверенистички сојузи и партнерства, макар и неформални да бидат во почетокот , заради одбрана на македонската вистина, идентитет, јазик и историја. Конкретно, потребно е поврзување со Вишеградската група (В 4) на држави (Полска, Чешка, Словачка, Унгарија), кои со децении го усовршуваат моделот на заштита на националните идентитетски специфики наспроти политиките на Брисел. Деновиве унгарскиот премиер Петер Маѓар им упати директен повик на државите од Западниот Балкан, кои не се сѐ уште членки на ЕУ, што значи и на Македонија, да влезат во Вишеградската група! Практично, Петер Маѓар самиот ѝ ја отвора вратата и на Македонија во „Вишеградската група“! Поврзувањето со оваа влијателна групација на земји-членки на ЕУ, ѝ нуди на Македонија значајна лоби-платформа, која има значаен потенцијал да ги брани многу посилно и многу поконкретно својата македонска вистина, својот идентитет, јазик и историја. Зашто, кој може да даде гаранции дека „бугарскиот волк нема да го изеде македонското јагне“, ако би влегол во „бачилото“ – уставот“?!

Наместо нова идентитетско-историска капитулација со „Бугари во устав“ – поврзување со суверенистичка Европа за лобирања и борба за македонската кауза и ЕУ-патот (1)

Во јуни 2026 година ширум Европа, а особено во државите на ЕУ, се засилува трендот на политички иницијативи, програми и јавни барања за заштита на националниот идентитет, суверенитетот и политичката самостојност на државите од најразличните видови на закани кон овие клучни концепти во постоењето и дејствувањето на кој било народ и држава во Европа и светот. Таквите иницијативи, програми и барања доаѓаат не само од десничарски националистички партии, туку и од влади и државници на водечки европски држави и политички лидери од други земји од „евроклубот“, како од Германија, Франција, Италија, Холандија, Австрија, Полска, Словачка, потоа од влијателни државно-политички групации на европскиот континент, како што е „Вишеградската група“ на земји. Ја посочуваме и Швајцарија со пораките, кои извираат и од нивниот најнов референдум со демографско-идентитетски белези. Политичка Европа допрва ќе влегува во период кога државите и нивните институции, нивните водечки партии и политички елити ќе бараат сѐ повеќе нови механизми за заштита на националниот и државниот идентитет и суверенитет, културата, економијата и политичката самостојност. Лобирањата и борбата за македонската кауза и националната и јазична самобитност, како и за чекорењето по патот кон ЕУ само како Македонија и македонски народ, мора и може да се остварува сѐ повеќе во рамки на суверенистичка Европа.

To top