Колумни

Како некои Македонци говорат „маканглиски јазик“ и се откажуваат од духот на прадедовците и „единствената целосна татковина“!

Кога мало дете од 4 години – роден говорител на македонски јазик ќе каже „мало шипче“, наместо „мала овчичка“ (од англиски „sheep“ – овца), кога на родителите ќе им возврати со „уат?!“, наместо „што?!“, кога и зборовите за боите од англискиот јазик „грин“ („зелено“), „јелоу“ („жолто“) „ред“ („црвено“) ќе му излегуваат од устата попрво одошто соодветните македонски зборови  – примери што ги има чуено авторот на овие редови во говорната пракса во Македонија во последно време – тогаш на денешниов 5 мај, Денот на македонскиот јазик, најотворено и најискрено на себеси како македонски народ мора да си го поставиме прашањето: дали не само децата, туку и ние повозрасните започнуваме да говориме еден вид „маканглиски јазик“? А кога ќе го придодадеме кон претходните примери, кои ги има бездруго и многу повеќе, уште и фактот дека на детските родендени во Македонија многу повеќе се пее и се слуша „хепи брд ту ју, мај диар…“, одошто „среќен ти роденден, мое драго…), тогаш се отвора на овој празничен ден и второто длабоко вознемирувачко и алармантно прашање: кај ни оди нашиот мајчин македонски јазик, што се случува со него?!

Пишува: Свето Тоевски

Пред неколку месеци највисок државен функционер од извршната власт на средба со новинарите, образложувајќи некој нов предлог-закон, кажа: „Треба да се чуе и мислењето на стејкхолдерите!“ Наместо мислењето на „засегнатите страни“, посегна функционерот по англискиот збор и ни ја „збогати“ македонската јазична пракса. Во англискиот јазик постои правило и пракса да не се употребуваат сврзници, а тоа наголемо и кај нас се презема, па наместо да кажат редица планинари „Се искачив на планината!“, слушаме од повеќемина од нив „Ја искачив планината!“

Пред две години во најавата на една популарна телевизиска емисија, наменета за младите, можеше да се чуе најавувачот кога се дере: „Голден самаар!“ Е, сега, остана нејасно: дали насловот на емисијата бил „Златен самар“, ова самар што им се става на грбот на магарињата и коњите, или бил „Златно лето!“?! Исчепатеното изговарање „понаанглиски“, на англискиот збор „summer“ – „лето“ од насловот на емисијата призвучи на македонски како „златен самар“, сеедно дали магарешки,  или коњски! А зошто не можело убаво и симпатично да се нарече таа емисија само на  македонски јазик „Златно лето“?  Оваа редица на примери ќе ја дополниме и со една телевизиска реклама, која една телекомуникациска компанија ни ја нуди овие денови својата интернет и друга услуга под специјална назнака: „Анлимитид“. А не може ли на македонски да се кажело: „Неограничено“?Прекумерната употреба на англискиот јазик во македонскиот јазик веќе задобива белези на стихија и закана посебно за создавањето и усвојувањето на кодот на мајчиниот јазик кај најмладото поколение, кај дечињата од предучилишна возраст. Англицизмите стануваат сериозна угроза за македонскиот јазик. Нормално е и природно нашиот јазик да восприема нови странски зборови и да ги проширува со нив своите изразни можности, во дадениот случај и од англискиот со оглед на неговиот статус како глобален, светски јазик број еден. Но не е во ред кога во умот на дете од најмала возраст најпрвин му навираат англиски „шипчиња“, наместо македонски „овчички“. Не во ред кога со прекумерната и некритичка употреба на англицизмите постојните македонски зборови и изрази се отфрлаат и со времето стануваат архаизми, застарени и заборавени, „непотребни“ зборови. Не е во ред и недозволиво е кога се нарушува не само лексиката (зборовниот фонд) на македонскиот јазик, поради англицизмите и воопшто странските зборови, туку и неговата граматика, правилниот збороред, кога правоговорот ни станува кривоговор.

Овде ќе потсетиме на две мисли-своевидни вонвременски јазични аманети на двајца великани на македонскиот јазик. „Милост кон нашијо народен јазик требит да имаме и није, ако сакаме да останиме верни на дуот на нашите прадедовци. Милоста кон народнијо јазик јет наш долг и наше прао. Ние сме должни да милуаме нашиот јазик, зашчо тој јет наш, исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни.“ – има кажано Крсте Мисирков пред 120 години. „Послушајте, Македонци! Јазикот е нашата единствена татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“ – рекол пред неколку децении Блаже Конески, покрај Мисирков, вториот кодификатор на македонскиот јазик и негов практичар и теоретичар – столб.Колку милост пројавуваме ние кон својот мајчин јазик, колку сме верни на духот на нашите прадедовци, кога не мал број од нас, говорители на „маканглискиот јазик“, како да се повеќе верни кон прадедовците на денешните Англичани и на нивниот англиски јазик, одошто на своите претци и на својот сопствен јазик? Колку ние го вардиме јазикот насушен наш македонски од англиските јазични угрози – и  не само од нив! – колку го негуваме? Можеме ли да кажеме дека својата „единствена целосна и неподелена татковина“ ја имаме и натаму во полна мера како своја „куќа, како дом, како огниште“? Или, без да сфатат, постапно поединци стануваат „јазични номади“, „јазични бестатковинци“, со оглед дека го „набркуваат“ сѐ повеќе од својата говорна пракса сопственото основно средство за комуникација, по кое идентитетски се изделуваме како македонски народ во Балканот, во Европа и светот?

Како што Мисирков велеше дека „свето право и долг на секој Македонец е да го милува својот јазик“, така и Конески повикуваше на борба против инфериорноста во поглед на сопствениот јазик. Конески ја пројавуваше честопати својата загриженост за македонскиот јазик, предупредувајќи дека од самите Македонци зависи колку ќе им биде загрозен, или не, мајчиниот јазик: „Од нас зависи дали нашата јазична средина ќе биде загрозена или не.“ – категорично велеше нашиот јазичен гениј од Небрегово.  Согласно и со Мисирковото „лингвистичко завештание“ „речничкиот материјал да јет собрајне от сите македонцки наречиа“ во врска со дооформувањето на речникот на книжевниот јазик, Конески своевремено посочи на богатството содржано во „лексичкиот резервоар“ и на македонскиот народен гениј, создавано низ вековите. Тој укажа на потребата во тој литературен јазик „да дојде до поголем израз речничкото богатство на народниот јазик и живите начини на зборообразување во него“. Односно, зборовниот фонд на македонскиот јазик да продолжува да се збогатува и на тој начин што одделни народни зборови ќе започнат да развиваат нови, дополнителни, или апстрактни значења. 

А не ние да употребуваме на секој чекор „фокус и дефокус“ (наместо „насоченост“, „пренасочување на вниманието“) „вин – вин решение“ (наместо „решение од кое сите добиваат“), „имплементација“ (наместо „спроведување“), „инклузија“ (наместо „опфаќање“, „вклучување“), „Сејф сити“ (наместо „Безбеден град“), „наратив“ (наместо „поглед, „став“)… И уште „мал милион“ англицизми, од кои малку – помалку почнува да ни „егзитира“ мајчиниот јазик, да кажеме и ние во стилот на „англизираните“, „интернационализирани“ македонски доктори, кога кога на семејството на некој починат ќе му кажат „Вашиот егзитираше!“, наместо да му кажат „Умрел!“, па да ги разбере и живиот и умрениот Македонец!

„Ние треба да се обрнеме кон народниот јазик, да се прашаме дали ни е во него сè познато од зборовите, што можат да изразуваат одредена апстрактна содржина, и дали не можеме во ред случаи по патот на творење нови зборови од корени и наставки дадени во народниот јазик да го доизградуваме речникот на литературниот јазик.“ – кажа Конески уште во 1967 година, но кој да му обрне внимание денес.

Денес, на овој 5 мај, Денот на македонскиот јазик, ќе заклучиме дека е конечно време да кренеме силна  јазична тревога на сите општествено-политички и еспертско-професорски рамништа и да удриме на сите возможни „јазични камбани“: да го земеме својот мајчин јазик во заштита, во своја милост, да ја сопреме оваа цунами-навалица на англицизми, на странски зборови. Доста е, премногу е. Повикани се и обврзани Советот за македонски јазик ,Владата на Република Македонија, Институтот за македонски јазик, филолошките факултети во Скопје и Штип, сите надлежни општествено-политички чинители, да пристапат кон осмислување серија најитни мерки за запирање на „јазичната дембелаана“, на катастрофалниот пад во јазичната (не) култура. За преземање  ефикасни мерки во јазичната политика, за да се учат македонските дечиња најпрвин на јазикот на своите татковци, дедовци и прадедовци, политичарите да престанат да се „расфрлаат“ со англиските и други странски зборови, а и новинарите, уредниците и лекторите во медиумите да обрнат најголемо можно внимание на македонската лексика, на македонската граматика, на македонскиот правоговор и веќе заборавеното трисложно акцентирање во телевизиските и радиски емисии.

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Ѓуров и Јотова бараат примена на „Францускиот предлог“, што е негирање на македонскиот јазик и Македонците, кои во 1890 бараа од Цариград негова употреба!

На 29 октомври во завршната дебата на Бугарската национална телевизија пред одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Бугарија на 1 ноември 2026 година Андреј Ѓуров и Илијана Јотова, двата кандидата за претседател на Бугарија, го повторуваат барањето да се внесат Бугарите во уставот на Македонија. Едновремено тие бараат и „целосна примена“ на злогласниот „француски предлог“ и „Вториот протокол“, со кои во најдиректна смисла официјална Софија бара Македонија „да признае и да прифати“ дека „македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени“. Јотова уште сево ова го нарекува „европска политика. И Ѓуров и Јотова се во жесток судир со реалноста и со историјата. На 30 октомври 1890 година Македонците од Охрид испраќаат официјална молба до Високата порта во Цариград. Во оваа молба, македонските првенци експлицитно бараат дозвола за основање македонски училишта во Охрид и околината, во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик. Ова е еден од најважните документирани јавни прогласи од XIX век каде што јасно се дефинира засебноста и автентичноста на македонскиот јазик, независно од пропагандите на соседните држави.

Димитрија Чуповски, народниот трибун и градител на македонската национална самосвест – 86 години од смртта (2)

На 29 октомври 1940 година во Ленинград, во Русија засекогаш ги затвори своите будни и неуморни очи Димитрија Чуповски, најистакнатиот и најдоследен организатор и афирматор на македонската национална мисла и акција, македонскиот општественик, револуционер, политичар и дипломат, публицист и поет, истражувач на македонското минато и култура, картограф на етничка Македонија. Чуповски беше најблизок истомисленик и идеен соборец со Крсте Мисирков во раководството на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург. Денес се навршуваат 86 години од неговата смрт. Неуморниот борец за македонската кауза остави зад себе богато научно, публицистичко и национално наследство. Од тоа наследство засекогаш ќе зрачи вонвременската порака дека македонскиот народ не треба никогаш да очекува од никого од Балканот и Европа милост дека ќе се грижи за неговата судбина, туку оти самиот треба да ги земе своите работи во свои раце, самиот да ги уредува својот живот и својата татковина.

Македонското научно-литературно другарство од 1902 – моќниот гласник на македонската вистина во Европа и светот (1)

„Словеномакедонското национално-просветно друштво ‘Св. Кирил и Методија’ има цел да го помага духовното преродување и обединување на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување.“ – се наведува во член 1 на во Уставот на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на денешен ден, на 28 октомври 1902 година во тогашен Санкт Петербург, во Русија. Активностите на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и другите македонски национални дејци, собрани во него, имаат огромно, немерливо значење за македонскиот народ и Македонија, бидејќи уште пред повеќе од еден век многу јасно и многу силно ги претставуваа и ги заштитуваа македонските национални и државни интереси пред агресивните балкански држави и нивните поддржувачи – големите европски сили. МНЛД им укажа на Европа и светот уште пред 122 години дека постои еден народ во Балканот со своја македонска самосвест, кој се бори за правото сам да ја кове својата судбина, без никој да господари со него. Вонвременските пораки на на ова македонско интелектуално Другарство одекнуваат со сета сила и актуелност и денес, во овие сложени геополитички и меѓународни моменти, во кои се втурнати македонскиот народ и Македонија.

Претсмртниот завет на Антон Попов до сите македонски поколенија да го чуваат македонското име и никогаш да не отстапуваат од борбата за иднината на Македонија

На денешен ден, на 20 октомври 1915 година е роден непокорниот син на Македонија и македонскиот народ писателот Антон Попов. Неизмерна е важноста на неговите дела за градењето на македонската самосвест на македонскиот народ. Како бранител негов и на македонската кауза, во своите публицистички трудови, како што е знаменитата статија „Дали постои македонска нација“ Попов дава јасен, научно и историски образложен одговор за постоењето на македонскиот народ, со кој ги побива туѓите негаторски пропаганди. Попов постоеше и живееше, сонуваше и копнееше, дишеше и умре за саканата таковина Македонија, стрелан во Софија на 23 јули 1942 година од царборисовскиот фашистички режим на Бугарија.

Бистришки, 1934 – Тоевски, 2026: Зошто сме ние, Македонците, одделен народ? (4)

Одговорот на тоа прашање е од огромно геополитичко значење за Македонија и македонскиот народ и денес, на почетокот на 21 век. Авторот на овој текст чини напор сега, во 2026 година, да даде свој аргументиран одговор на истото прашање, кое си го постави пред себе Васил Ивановски – Бистришки во 1934 година. Македонците се навистина посебен народ во Балканот и Европа: својата „Македонска приказна“ тие си ја пишуваа самите низ бурните епохи на својата национална историја. Во таа историја се вградени сите државотворни стремежи на македонскиот народ, на кого никој никогаш ништо не му подарил, ниту држава, ниту фалсификувана историја како на „добрите соседи“. Напротив; толку многу му одзеле, но тој стои простум и натаму наспроти бурите на (не)времињата. Македонците со својот јазик и писменост, со својата духовност и култура, со својот идентитет и историја се длабоко во темелите на европската цивилизација.

Огромното значење на „Македонскиот манифест“ на Бистришки за посебноста на македонскиот народ сега кога се прогласува дека е бугарски и воздухот, што го дише! (3)

Статијата на Васил Ивановски – Бистришки со наслов „Зошто сме ние, Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година, е еден од најзначајните и најтемелните историски документи во 20 век за афирмација на македонскиот национален идентитет и за правилното и целосно решавање на македонското прашање во Балканот. Македонски историчари аргументираат дека е таа текст од клучно значење за македонскиот народ, исто како и „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

To top