Правните лица привремено нема да можат да одлеваат средства надвор од Банката преку платните системи, ниту со повлекување готовина од банкомати или шалтери. Ќе можат да вршат неограничени внатрешни плаќања кон други правни и физички лица во рамките на Банката, соопшти гувернерот Славески. Важно е да се знае дека Алта банка е стабилна, ликвидна и не е во стечај, а мерките се превентивни. Народна банка со заштитна мерка за банката, до нејзината продажба. Гувернерот со апел сите да се воздржат од шпекулации, за да не му наштетат на банкарскиот сектор.
- „Воведувањето привремена администрација не значи затворање на „АЛТА банка“ АД Битола, ниту активирање на механизмот за исплата на депозитите преку Фондот за осигурување депозити. Напротив, целта на оваа привремена заштитна мерка е Банката да продолжи непречено да работи, средствата на клиентите да останат на нивните сметки, а имотот и интересите на сите штедачи и други доверители да бидат заштитени до промена на сопственоста на Банката“.
Инвеститорите внимателно да ја следат состојбата со Алта банка, откако Македонската берза ја внесе банката на „Листата за набљудување“. Одлуката доаѓа по решението на Народна банка на за воведување администрација во банката.
- Внесување на друштвото АЛТА банка АД Битола на Листата за набљудување е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност, се наведува во известувањето на Берзата.
По одземањето на дозволата за работа на Алта банка Белград, Народна банка ќе управува со имотот во Македонија. Гувернерот потенцира дека не му се одзема сопственоста на акционерот, туку привремено, само управувањето. Клиентите кои имаат кредити мора редовно да ги подмируваат ратите. Она што следи, според гувернерот, е да се продаде банката на нов купувач. Во последниве неколку дена биле повлечени два милиони евра од банкоматите. За 9 месеци, банката пријавила загуба од 790.000 евра. Засега нема никаква реакција од стопанските комори во врска со компаниите кои имаат сметки во „Алта банка“ – што значи тоа за нив и во колкава мера ќе го загрози нивното редовно работење.