Колумни

Пенелопа, платното и нашата претседателка

Силни инструменти најдени во митологијата, историјата, правната наука, литературата, филозофијата, драматургијата

 

Во колумна со наслов ,,Пенелопа, платното и нашата претседателка”, Панде Колемишевски, некогашниот долгогодишнен директор на Нова Македонија а сега колумнист на весникот пишува за настапот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на годишниот прием за странски дипломати во Охрид.

 

Целата колумна на Колемишевски во продолжение:

 

Не би сакал во никој случај да се разбере како додворување и ласкање личното мислење дека претседателската на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во обраќањето пред странските дипломати во Охрид го одржа најинспиративниот говор откако е избрана на функцијата. Можеби не толку продуктивен, но ефективен. Ретко кој политички образован, начитан и упатен човек би останал рамнодушен. Се разбира, со исклучок на оние што не ја сакаат, не се согласуваат со нејзината политика или се неуки да ги видат пораките изречени низ параболи и други стилски фигури. И кои во тој говор ќе најдат мотиви за шегување.

Сиљановска се послужи со силни инструменти најдени во митологијата, историјата, правната наука, литературата, филозофијата, драматургијата. На листата на нејзините цитати се најдоа Пенелопа и Одисеј од грчката митологија, кралот Артур од британската историја, Хамлет од Шекспир и неговата дилема „да се биде или не“, античкиот историограф Тукидид, италијанскиот филозоф Макијавели, англискиот Хобс, Френсис Фукујама со неговите предвидувања за крајот на историјата, Кантовци и Вилсоновци, како и други значајни личности, препознатливи, но не спомнати со име. Оперирајќи со нив и преку нив, преку асоцијации со нивни мисли и дела ја објаснуваше позицијата на својата земја во светските процеси, ја фокусираше актуелната состојба во државата, го објаснуваше односот на големите држави кон малите, назначувајќи ги на тој начин пречките што ѝ се прават на Македонија на патот кон членството во Европската Унија.

Конечен заклучок би бил дека низ тие филозофски, литературни и правни успешни пируети, Сиљановска-Давкова ги бранеше актуелните политички ставови до кои се држат подолго време самата таа и македонското владејачко мнозинство, а се однесуваат на ирационалните услови што ѝ се поставуваат на републиката. Подзадреманите дипломати не мора да ја сфатиле опсежната лекција, но сигурно им било забавно слушајќи еден необичен и нестереотипен државнички настап, полн со нетипични стилски фигури, отворени и енигматични асоцијации и изненадувања.

Осврнувајќи се на внесувањето на Бугарите во Уставот како услов од преговарачката рамка на ЕУ, таа го поврза прашањето со Хомеровата приказна за кралот на Итака, Одисеј, и дваесетгодишното чекање што го издржала во верност неговата жена. „Ние не можеме да бидеме Пенелопа, којашто, чекајќи го Одисеј, нонстоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите…“, кажа претседателката.

Која е легендата за убавата Пенелопа и јунакот Одисеј, односно за долгогодишното чекање на сопствениот маж и за нејзиното платно што го ткаела секој ден?

Името на Пенелопа останало како класичен и нашироко познат симбол што означува верност во брачниот живот, жена што ги претставува долготрајната голема љубов и припадност на еден единствен човек за цел живот, жена каква што посакува речиси секој маж. Најверојатно дека повеќето од нас го знаат само тој дел од приказна. А верноста е поврзана со едно платно што го ткаела Пенелопа.

Што ни кажува тој дел опишан во „Одисеја“ на Хомер? Додека Одисеј, кралот на Итака, при походот на Троја војувал и лутал цели дваесет години, жена му Пенелопа го чекала верно неговото враќање. Многумина млади принцови од островите што го сочинувале кралството, убедени дека е мртов, ја барале Пенелопа за жена. Со тој чин ќе им припаднел и престолот. Некој ги избројал – биле не помалку од сто и дванаесет просци на број. За сето време Пенелопа цврсто верувала дека Одисеј ќе се врати и не постоела можност да го изневери, дури и тогаш кога стигнувале голем број вести за неговата смрт. За сето време, никого да не навреди, никому да не му откаже, таа лукаво, секому еднакво му ја подгревала надежта дека ќе биде негова. Со таквата постапка се надевала дека или ќе ги раскара додворувачите или ќе ги натера да се откажат од запросувањето.

 

Единствено што можела да стори Пенелопа е да скрои план за да ја одолжува и да ја одложува одлуката. За да купи време, смислила оригинална мудрост. Објавила дека „ќе го избере новиот маж тогаш кога ќе го заврши ткаењето на погребното платно за Лаерт, таткото на Одисеј“. Додворувачите се согласиле и чекале. На почетокот биле мирни и спокојни, но како што минувало времето, станувале сѐ понервозни, зашто ткаењето не напредувало, иако гледале дека кралицата ткае секој ден по цел ден. Но тие не знаеле дека Пенелопа, она што дење го ткаела, ноќе го распарувала, го расткајувала. Минувале денови, месеци, поминале години.

Нестрпливите додворувачи, уморни од чекање, откако ја откриле тајната што ја издала една слугинка, ѝ се заканиле со „бетониран датум“ платното да биде готово. Не можејќи да најде други изговори, утврдениот ден го исткајала скапоцениот покров.

Но токму тој ден, во таа зора, на хоризонтот се појавил бродот на Одисеј. Кралот конечно се вратил дома, бил препознаен од неговото куче. По кратка пресметка, откако ги ликвидирал сите непријатели, повторно си заседнал на престолот, кој бил празен дваесет години, од кои десет бил пред ѕидините на Троја, а другите десет ги поминал лутајќи и совладувајќи редица неволји и искушенија од едниот до другиот брег на Средоземно Море.

Ете така, Пенелопа, освен нашироко познат симбол за голема и вечна љубов, на верност и припадност, преку платното, стана симбол на надеж во нешто силно да се верува, метафора за купување време за евентуално да се смени ситуацијата, да се променат условите, да се најде поволно решение со кое настаните би го добиле саканиот тек. Дека во секоја, дури и во најтешката, ситуација има надеж да се постигне она што се сака, само ако се издржат нападите, само ако малку се почека, ако се биде упорен и ако се верува во себе. Платното на Пенелопа стана симбол како да се одолжат нештата, да се одложи судбината и да се сврти во своја корист.

За волја на вистината, претседателката Сиљановска не е прва во македонската историја што го употребува мотивот на Пенелопа. Тоа го има направено Христо Матов, роден стружанец, македонски револуционер со цврста национална определба. Имено, Матов, кој е еден од најголемите и најзначајни идеолози на ВМРО во првите две децении на 20 век, кога другите го убедувале дека нешто е завршено и дека ништо не може да се стори за да се променат работите, често ги употребувал фразите: „Не е доткаено Пенелопиното платно“ или „Долго е платното што го ткае Пенелопа“. Таа метафора ја користел за да им соопшти на соговорниците дека не го дели нивното мислење по некое прашање или проблем и дека со текот на времето може да произлезат и други решенија од првично најавените или донесени.

 

 

 

 

Најнови вести од: Колумни

Бугарија потпиша меѓународен „Бледски договор“ во 1947 и го раскина еднострано во 1949, а сега бара примена на Вториот протокол – неусвоен записник и промена на устав!

По преговорите на 30 и 31 јули 1947 година претседателот на Југославија Јосип Броз Тито и премиерот на Бугарија Георги Димитров потпишуваат на 1 август 1947 година меѓудржавен договор познат како „Бледски договор“. Тој има  исклучително значење за македонскиот народ, бидејќи е прво официјално државно признавање на македонскиот национален идентитет и јазик од страна на Бугарија. „Бледскиот договор“ меѓу двете држави има карактер на меѓународен договор и претставува меѓународно-правен пример, кој докажува дека историските  спорови меѓу двете земји веќе биле решени во согласност со Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации. Но, на 1 октомври 1949 година бугарската влада еднострано го раскинала „Бледскиот договор“. Денес се случува парадокс и апсурд, обединето во едно. Бугарија се откажала, поради свои национални интереси, од еден меѓународен договор со тогашна Југославија, која ги претставувала во полна мера и Македонија и македонскиот народ народ со неговите национални интереси. А денес Бугарија бара од Македонија целосно да го спроведува Вториот протокол кон „Добрососедскиот договор“ – протокол кој претставува најобичен технички документ, односно записник, кој не ниту усвоен во Собранието на Македонија, па затоа не содржи обврска за негово спроведување. Значи, Бугарија раскинала еднострано меѓународен договор, а денес инсистира на спроведување технички документ, кој нема врска со меѓународен договор, иако ЕУ му дала „европски печат“, вметнувајќи го во Преговарачката рамка со сите во него протнати обврски за промена на устав и за „Бугари во устав“, за промена на учебници, споменици, за целосна бугаризација на сѐ што е македонско!

Мисирков е интелектуалниот архитект на македонизмот, а „За македонцките работи“ е светилник за македонскиот народ и платформа за неговото битисување (3)

Севкупното дело на Крсте Петков Мисирков е платформа на македонизмот, на македонството. Би се рекло, и повеќе: тоа дело, а особено „За македонцките работи“ е светилник на македонизмот и македонскиот народ

„За македонцките работи“ на Мисирков и денес моќен бедем против сите негирања и напади врз македонскиот идентитет, националната свест и јазикот (2)

Денес, на 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме, заради нашиот опстој во сегашниве драматично разбранувани и геополитички вителни мигови во Балканот, Европа и во светот. Идеите и пораките на Мисирков, особено во неговата капитална политичко-јазична студија „За македонцките работи“, се животно важни патокази за претстојниот развој на македонската нација и на македонската држава во полза на сите нејзини граѓани.

Повикот на Мисирков за безгранична љубов кон Македонија и постојано работење за нејзините интереси – најсилно оружје за зачувување на македонскиот идентитет и јазик (1)

Денес, на 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков – еден од највеликите Македонци во сета национална, јазична и државно-политичка историја на македонскиот народ. Оваа годишнина е пригода за ново навраќање кон врутоците на неговата генијална мисла како набележување на сѐ она, што треба да го чиниме како народ, заради нашиот опстој во сегашниве геополитички вителни и драматично разбранувани мигови во Балканот, Европа и во светот. Идеите и пораките на Мисирков, особено во неговата капитална политичко-јазична студија „За македонцките работи“, се животно важни патокази за опстојот и идниот развој на македонската нација и на македонската држава во полза на сите нејзини граѓани.

To top