Колумни

Технологијата ќе го убие фудбалот – Пишува Роберт Димитриевски

Возбудувањата треба да ги креираат актерите на теренот, а не луѓето во ВАР-собата, како на мечот меѓу Португалија и Хрватска

Офсајд било зошто ВАР-собата добила звучен сигнал од чипот во топката дека по нафрлувањето во противничкиот шеснаесетник од Перишиќ таа ја „цивнала“ косата на Матановиќ пред да стигне, преку очигледното одбивање од главата на Веинга, до Пашалиќ, од него до Гвардиол, за тој на крајот да ја смести во мрежата на Португалија?! И тоа во финишот од судиското надополнување на времето за 2:2 на дуелот во Торонто од 1/16-финалето на Светското фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада! И наместо продолженија, ВАР по четврти пат (!) стапува на сцена и го поништува голот на „коцкестите“, совладувајќи ги со 4:1 во одлуките, од кои три непризнати погодоци на Хрватите, плус еден досуден пенал за Португалија по реакција токму од луѓето во собата со телевизорите и еден поништен гол на Роналдо!

Ма, немој да ме ј…ш бре, што би рекол легендарниот Кили. Што е многу, многу е. Наместо да се зборува за драмата на теренот, за доминацијата на Португалците во првото полувреме и на Хрватите во второто, за „гинењето“ на „дедо“ Модриќ на тревникот цели 119 минути, за погодената пречка од Леао и на дирекот од Ковачиќ, за бравурозните интервенции на Кошта, денеска сите зборуваат за ВАР. И за комичното признание за најдобар играч на мечот за Роналдо, кој покрај реализираниот пенал имал 25 контакти со топката, од кои 24 повратни додавања до соиграчите и „дури“ една пипната топка во шеснаесетникот и цел еден дуел?!

Но, Кристијано не е тема на муабетот (а можеби треба да биде), туку субјективноста во проценките што директно влијаат врз резултатот на меч што се игра еднаш во најмалку четири години, колку што е паузата меѓу два мундијала. Што ако Матановиќ беше ќелав, дали и тогаш ќе беше поништен голот за продолженија на тимот на Далиќ? Колку интензитет имаше во влечењето од Влашиќ врз Веинга што судијата Еспен Ескас од Норвешка не го констатира пред ВАР да му сугерира?

ФИФА ја воведе видео асистенцијата на судиите, позната како ВАР, за да се отстранат сите дилеми околу регуларноста на одредени ситуации. Намерата безбели не била за, под плаштот на регуларноста, одново човечкиот фактор со субјективна (пр)оценка да пресуди. Арно ама, на тековното СП се случува токму тоа. Како на пример да се протолкува „слепилото“ и на ВАР, и на судијката Пенсо од САД, кои на мечот меѓу Германија и Еквадор од групната фаза „не ги видоа“ високо кренатата нога од Павловиќ и ударот со копачката во главата на Вите непосредно пред топката да стигне до стрелецот на голот Зане?

Аман веќе и со непризнавањето голови поради недозволена позиција во која се нашло нечие рамо, колк или машкост пред најблискиот противнички играч. Фудбалот се вика така поради удирањето на топката со стапало, па по секоја логика би требало да се гледа дали е најистурено нечие стапало, а не да се вади шублер за во нанометри да се пресмета дали некој бил во офсајд или не.

Како што тргнало, најважната споредна работа на светот сè повеќе прераснува во видеоигра и во правничко толкување на правила и регулативи. (Пре)честите прекини од по неколку минути заради прегледување видео снимка не само што ја „сецкаат“ играта и му помагаат да здивне на тој што се брани, наместо да го фаворизираат тој што напаѓа, туку и внесуваат дополнителна нервоза и го одвлекуваат вниманието од примарната цел – да се надигра ривалот на теренот.

Основната идеја на најпопуларниот спорт на планетата мора да биде да се даде гол повеќе од противникот, а не до бесвест да се проверуваат спорни ситуации што никој жив ни на теренот ни на трибините не ги забележал во прв момент. Уште погротескно, а всушност трагично, е кога ќе се прекине играта неколку минути по наводната спорна ситуација, откога во меѓувреме ќе падне и гол.

Модриќ е во право кога вели дека ВАР треба да реагира само кога ситуацијата е 200 проценти јасна, а не и кога слученото е во т.н. сива зона, кога може да се толкува и вака, и така. Уште повеќе во право е Венгер со предлогот офсајд да се суди само ако фудбалерот што напаѓа со сите делови од своето тело е пред последниот играч во одбраната на противникот. А не како сега, да се проценува дали одбранбениот играч што ја закачил топката пред таа да стигне до тој што напаѓа во недозволена положба имал намера да ја удри или не, за да се активира правилото за „ресет“ и да не се суди офсајд?! Кој може, на пример, да влезе во мислите на Веинга и да пресуди дали тој (не)намерно ја проследи топката со глава до Пашалиќ, под претпоставка Матановиќ да не ја чепнал претходно?

Возбудувањата треба да ги креираат актерите на теренот, а не луѓето во ВАР-собата. Никој не плаќа солени суми за влезници за по натпреварот да зборува за нив, туку за мајсториите на фудбалерите, за тренерските тактики и стратегии или за дуелите меѓу навивачите на трибините.

 

 

Најнови вести од: Колумни

Македонистичкото дело на Мјечислав Малецки – бедем пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет

Истражувањата на полскиот славист Мјечислав Малецки претставуваат непобитен научен доказ за автохтоноста и посебноста на македонскиот јазик. Наспроти повеќедецениските организирани политички напади и фалсификати, кои доаѓаат од одредени кругови, делото на овој светски признат лингвист уште во првата половина на XX век ја зацврсти позицијата на македонистиката на меѓународно ниво. Од една страна стојат произволните толкувања и веќе државна доктрина на негација и фалсификати од страна на Бугарската академија на науки и на официјална Софија во врска со „бугарските темели“ на македонскиот јазик, или за неговата „измисленост како јазик во 1944/1945 година“. Од друга страна стои научната вистина за овој најважен столб на македонскиот идентитет, која се потпира исклучиво врз лингвистички факти и домашни и меѓународни теренски истражувања, кои траат многу повеќе од еден век. Полскиот македонист Мјечислав Малецки починал на денешен ден, на 3 септември 1946 година. Ова е пригода за ново навраќање кон неговото македонистичко научно дело, кое е бедем, пред кој паѓаат сите негирања и фалсификати на македонскиот јазик и идентитет.

Коле Неделковски: Нашата мила татковина, посрбена, побугарена и погрчена, не се даде никому и си остана со македонска боја!

„Викот на бесмртниот Македонец Крсте Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина, веќе измачена од борбите и соперништвата на неколку народи, кои не штедеа ништо, за да ја имаат посрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети. Но таа не се даде на никого и си остана со својата боја македонска! Сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и го разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина.“ – му напишал македонскиот револуционерен поет Коле Неделковски на 18 мај 1940 година на д-р Сергеј Мисирков, синот на Крсте Мисирков, кој тогаш живее и работи во градот Елена, Бугарија. Ова писмо Неделковски му го пратил на Сергеј во името на Македонскиот литературен кружок, како негов член, откако ја открил во Народната библиотека во Софија заборавената книга на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“. Коле Неделковски е еден од најреволуционерните поети во македонската книжевност. Починат е на денешен ден, на 2 септември 1941 година во инцидент со бугарската полиција во околности, сѐ уште неразјаснети до крај: скокајќи сам од прозорецот на зградата каде што живеел, или можеби бил фрлен долу.

Европска комисија: Остануваат правилата за влез и излез во Шенген за превозниците од Западен Балкан

Од Европската комисија информираа дека остануваат правилата за влез и излез на транспортерите од Западан Балкан во Шенген зоната, односно тие може да престојуваат 90 дена во рок од 180 денови.

Статијата „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ на Анри Барбис од 1.9.1926 – дел од неговиот француски „Манифест на македонизмот“ (1)

„Навистина овде станува збор за една нација. Нација која има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност. … Оваа нација, на самата почва на која се развила и опстојувала, каде што историјата ја засадила, со која е поврзана преку своите корени и својата култура, се третира како збир на робови и злосторници.“ – напиша славниот француски писател Анри Барбис во својата прочуена статија со наслов „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ („La question macédonienne est-elle si complexe que cela?“), која е објавена во списанието „Балканска федерација“ на денешен ден, на 1 септември 1926 година. Барбис, еден од најблескавите француски и европски интелектуалци  меѓу двете светски војни, уште пред 100 години во својата статија пишува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација.

Борбата на „Духовниот воин“ за Македонија Волф Ошлис против фалсификатите дека македонскиот е „вештачки јазик“, „создаден во 1944/1945“! (2)

Еден од најзначајните текстови на германскиот македонист Волф Ошлис е неговата студија „Проблемот на јазикот на Македонците во трудовите на раната германска македонистика“. Во неа тој силно аргументира дека македонскиот јазик не е некаква политичка конструкција, што започнува со некој и нечиј административен акт, туку оти македонскиот народен јазик е основата, врз која во текот на многуте векови наназад во историјата се развива современата македонска писменост.  Во оваа студија за раната германска македонистика Ошлис покажува дека постоеле германски научници, кои експлицитно ги третирале Македонците со нивниот македонски јазик  како посебен етникум и посебен јазик.

Волф Ошлис: Злонамерните соседи му ги оспоруваат идентитетот, јазикот и името на македонскиот народ, заради „апетитите“ да ја присвојат македонската земја! (1)

„Духовниот воин“ за Македонското прашање во Европа и светот проф.д-р Волф Ошлис како врвен германски политиколог, славист, публицист и професор цели пет десетлетија стоеше непоколебливо на браникот на македонската кауза, служејќи како автентичен, меѓународен глас за вистината за Македонија.  Ошлис со германска научна прецизност и своевиден македонски инает непоколебливо и неуморно ја ширеше македонската вистина низ светот. Неговиот политичко-јазичен ангажман за Македонија и Македонците, за Македонското прашање,не беше само длабок академски интерес, туку негова животна мисија, посветена на одбраната на македонскиот идентитет, историја, народ и јазик од сите обиди за нивно негирање.

Телеграмата на Рендел од 25.8.1940 од Софија за Македонците наспроти „немакедонските Бугари“, која ги урива бугарските негирања на македонскиот народ!

„Македонците сè уште се прилично под сенка… тука во Бугарија. Повеќето немакедонски Бугари сметаат дека Македонците донеле повеќе неволји… отколку што биле од корист.  .. Мнозинството од македонското население се стреми кон независна Македонска Република.“ – ќе нагласи британскиот амбасадор во Бугарија Џорџ Рендел во своето писмо, кое го испраќа до британското Министерство за надворешни работи – Форин Офисот на денешен ден, на 25 август 1940 година од Софија.

To top