Пишува: Свето Тоевски
Денес во Велес одбележани 123 години од изведувањето на Солунските атентати

Солунските атентатори сакаа да ја потресат совеста на Европа за судбината на поробениот македонски народ
На 28 април околу пладне во близина на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција излегла двојно успешна, бидејќи бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул-Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај. На 1 мај, на последниот ден од Солунските атентати, се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенската станица, но е убиен од стражарот, а Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми паша. Откако не успева, атентаторот се самоубива активирајќи бомба. Бомбашките напади врз објекти на европскиот капитал во Турција, во Солун, како и врз државни објекти во градот, ги потресоа Солун, Турската Империја и цела Европа.
Младите Македонци – гемиџии сметаа дека на таков начин ќе ја заинтересираат европската јавност за состојбата во Македонија и оти преку нивните поединечни акции ќе ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење. Атентатите во Солун првенствено беа насочени против европските сили и нации, незаинтересирани за праведното решавање на македонското прашање, како и против европските институции, заради закана и казна, поради невмешувањето во решавањето на судбината на Македонија и македонскиот народ.
Јордан Поп Јорданов-Орцето: „Сакам и со својата смрт да бидам во полза на делото – ослободувањето на нашата скапа и сакана Македонија“
„Сакана Кате, немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото, кое што беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана ценета Македонија. Сигурно ќе прашаш: Неопходно ли е да умрам? За мене нема друг излез. … Да умрам за мене е врховна повелба на мојата совест. Зошто ми е живот лишен од слобода? Не, претпочитам да умрам! Со мојата смрт ќе им го фрлам мојот безграничен презир на непријателите, на поробувачите на мојата татковина. Орце, првиот и последен од гемиџиите, од самооткажаните“, овие зборови се дел од претсмртното љубовно писмо што Јордан Поп Јорданов-Орцето го напиша во 1903 година и кое ѝ го остави на својата девојка. Тој е македонскиот револуционер анархист, член на илегалниот кружок на гемиџиите-Солунски атентатори.
Нивните акции немаа никаква поврзаност со вистинскиот тероризам, сфатен во денешната смисла на овој збор. Димитар Мечев-Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, сите од Велес, Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, како и другите гемиџии, како своја цел имаа само објекти, но не и да жртвуваат невини човечки жртви. Тие го жртвуваа само сопствениот живот. Оваа група македонски патриоти удираа по совеста на цивилизирана Европа во името на еден народ потиснат во ропство. Сите тие беа млади луѓе што веќе се беа простиле од животот и го имаа пуштено својот животен чун, својата гемија, во бурното турско и европско море, всушност и не сакајќи да го извадат потоа на брегот, туку беа со намера да го разбијат саможртвено на карпите, за да ги разбудат европските нации да ѝ се смилостиват на судбината на македонскиот народ. Познато е како „милостиво“ европските сили, пред сѐ Бугарија и Грција, го „решија“ прашањето на македонската судбина во 1913 година со Букурешкиот договор…

Записи на Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“: Служители на идејата, но не и на славата
Во 1923 година единствениот преживеан Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“ запишува: „…великите македонски покојници во Солун беа се заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на Идејата, но не и на славата. Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни. … Од моментот кога Орце го запали фитиљот во Отоманската банка – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да станат првите светци на македонската револуција…“

Шатев ќе го дополни и следново во врска со солунскиот саможртвен крик на македонските посветеници, слободата и животот на Македонија и нивното политичко и национално тестаментално завештание за сите наредни македонски поколенија: „Македонскиот идеал во лицето на Солунските атентатори беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата… Тешко ќе биде за историчарите да определат кое од двете собитија – Солунските атентати, или Илинденското востание – било позначајно, што било повеличествено: дали примерот на личната бестрашност, или системската подготовка на масите за револуцијата. И ако Илинденското востание донесе едно самоосознание на македонските маси, Солунските атентати се оној поттик, кој што го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого ќе му се восхитуваат вековите… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија“.