За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)
„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.