Првиот Скопски партизански одред како прва единица на НОВ на Македонија во борбата против фашистичките окупатори – 85 години од формирањето
На денешен ден пред 85 години е формиран Првиот скопски народноослободителен партизански одред — прва партизанска единица на НОВ во Македонија. Формиран е на 22 август 1941 година кај месноста Чифлик во близина на Скопскиот градски парк и опстојува до 2 ноември 1941 година кога се самораспуштил. Прв командант на одредот бил Чедомир Миленковиќ, а потоа, од 18 до 31 октомври, Љубомир Лековиќ. Политички комесар на одредот бил Даме Крапчев. Првиот Скопски партизански одред на почетокот бил составен од 12 припадници. Но подоцна нивниот број се зголемил на 42 борци од различна етничка припадност – Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. Сите тие се обединиле околу една единствена идеја – слободата, заради ослободување од фашистичкиот окупатор. Диверзантските акции биле основен белег на предпартизанскиот период и токму членовите на скопските диверзантски групи го сочинувале јадрото на првиот Скопски партизански одред. Денешната 85-та годишнина од формирањето на овој партизански одред е соодветна пригода за должно потсетување на јуначките дела на припадниците на оваа партизанска формација: Чедомир Миленковиќ, Дане Крапчев, Боте Боцевски, Невена Георгиева – Дуња, Раде Јовчевски – Корчагин, Благој Деспотовски – Шовељ, Стерјо Кранго – Дучо, Боро Ончевски, Боро Трајковски – Ѓуро, Ацо Смилковски, Павле Момчиловиќ и Светозар Томиќ. Од вкупно 42 партизани на одредот, 17 го загубиле животот во текот на Втората светска војна. По војната тројца борци од одредот – Раде Јовчевски – Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски – се прогласени како народни херои.